Едниот начин е со плата на некои партиски војници што седеа дома, вториот начин беше со државни реклами за режимските медиуми кои ги произведуваа лажните вести, третиот начин е преку обуки на произведувачите на лажни вести

 

Новинар: Горан Лефков 

 

„Проневера на 30 милиони евра во Министерството за земјоделство“. Ова е насловот на истражувањето кое во 2011 година требаше да открие криминал и организирана мрежа на перење на пари во Министерството за земјоделство. Наместо брза акција, од Министерството за Внатрешни работи и Обвинителството и истрага за случајот, тогашната пропагандна машинерија одлучи да го покрие истражувањето на медиумите со вест дека Министерството за земјоделство ќе исплати субвенции од 30 милиони евра.

Веста за субвенциите беше пренесена на 30-тина портали блиски до претходната власт со голема брзина.

Слична појава забележал и новинарот Сашо Спасовски.

 

„Имаа тагови што немаа никаква врска со текстовите кои беа во тагираниот текст. Тоа беше начин на којшто пропагандната машинерија на претходната власт сакаше да ги истурка на агрегаторите. Тие и тогаш и сега се многу популарни“, вели Спасовски.

Тој додава дека се отворале портали кои во 90% од содржините беа идентични, се разликуваа само во форматот на текстот дали е потесно ставен или на пошироко поле.

Еден текст за 2 минути се појавуваше на огромен број на портали. Премногу очигледна беше работата на таа машинерија за лажни вести. Еден текст, кој требаше да личи на новинарски авторски производ во исто време се појавува на два портали со разлика од 10 секунди истиот непотпишан, се присетува Спасовски.

Вакви примери во минатото имаше секојдневно.

 

Државни пари за лажни вести

 

Производството на лажни вести во Македонија зеде силен замав со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година и со зајакнувањето на влијанието и моќта на социјалните мрежи.

„Членка сум на ВМРО-ДПМНЕ од 1999 година. Во 2007 година ни организираа обука од партијата за да ги споделиме партиските ставови, изјави, соопштенија на социјалните мрежи“, вели Р.М.

Таа додава дека тоа бил еден од условите за да ја вработат во државната администрација пред 10 години.

„Но и кога се вработив, постојано добивав пораки кој пост да го шерувам на интернет, каде да ставам лајк и каде да го ставам коментарот што ми го испраќаат во пораката“, додава Р.М.

Ова е позната појава во македонското општество од поодамна, но симптоматично е што овие вести беа финансирани од државни пари.

„Директорот ме повика во канцеларија и ми рече од партија имам список од наши членови меѓу кои си и ти, следните неколку дена нема да доаѓаш на работа, туку ќе идеш на обука во Дом на АРМ. Јас ќе те пишам дека си на работа и ќе ти доделам награда на плата следниот месец“, вели В. Минов, вработен во државна Агенција во Скопје.

Тој потенцира дека ова постојано се случувало од 2006 до 2009 година кога им рекол дека веќе нема да оди на обуките организирани од ВМРО-ДПМНЕ.

Во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ се создаде силна машинерија за продукција на лажни вести. Во 2007 година започна со Нет прес, па се отвори и Република. Евидентно беше дека се работи за една индустрија за пропаганда.

„Во оваа машинерија беа вклучени вработени од јавната администрација кои имаа обврска да кликаат лајкови и да ставаат претходно испратен коментар на тие вести и да имаат што повеќе прегледи. Имаа обврска да го стискаат копчето F5 на тастатурата за да се прави рефреш и за да од оваа вест добие што повеќе „читаност“, односно хитови или посети. Пропагандната машинерија се обидуваше да даде легитимитет на лажните вести преку партиската машинерија во администрација“, смета Спасовски.

Според негова проценка околу 25.000 партиски војници на ВМРО-ДПМНЕ биле вклучени во пропагандната машинерија.

За Мирче Адамчевски, член на Советот за етика во медиумите производството на лажни вести со државни пари е криминал.

 

„Трошењето на државни пари мора да има намена за надградување на општеството, а не за производство на лажни вести. Уште полошо за мене е што во државата се изгради цел систем за продукцијана лажни вести, а кога ќе се создаде систем, тој мора да се прави со одредена цел и намера. Тоа ќе значи дека добиваме општество кое ќе добие лажна слика за тоа што го работи власта. Имаме многу држави во светот каде преку лажните вести се создава привид од демократијата, од подобар живот, од добро управување, додека граѓаните во тие општества живеат на работ на пропаст“, вели Адамчевски.

Тој додава дека лажните вести секогаш и служат на пропагандата и дезинформацијата.

 

Велешани обучувани од ВМРО-ДПМНЕ

 

Светски познатите велешки проценти на лажни вести предизвикаа сериозни штети врз медиумите во светски рамки. Дел од овие „работници“ ги поминале и обуките на ВМРО-ДПМНЕ смета Сашо Спасовски, кој подолго време го истражуваше феноменот на лажните вести во Велес.

„Сите деца што работат во Велес кога видоа дека партијата нема да им плаќа толку малку пари, стекнаа одредено знаење што значи Search Еngine Оptimization, научија како да работат со тагови за да можат да те фатат агрегаторите за вести и пребарувачите како Гугл. Во Велес јас видов знаење кај лицата што работеа со лажни вести кое не се стекнува за еден месец. Сметам дека дел од првите луѓе што влегоа во „бизнисот“ со лажни вести во Велес ги поминале партиските обуки на ВМРО-ДПМНЕ, од пред 10-тина години“, вели Спасовски.

Според него во Велес, околу 3.000 луѓе се вклучени во „фабриката за лажни вести“. Тие работеле по 3 смени кога беше екот на кампањата.

 

Тој не поврза со лице вклучено во фабриката за лажни вести во Велес. Ни се престави со псевдоним Гоце, тоа не му беше вистинското име.

„Во 2016 година беше најголемиот пик на лажни вести. Месечно со еден портал заработувавме и до 30.000 евра. Сега работата е намалена, ама сајтовите уште функционираат. Јас мојот претходен сајт го продадов за 1.500 евра, сега почнувам нов“, вели нашиот анонимен соговорник.

Тој додава дека фејсбук правел огромни профити во Велес и им давал големи дисконти на „велешките фабриканти“.

„Фејсбук индирекно финансиски ни помагаше во производството на лажни вести, на тој начин што ако некој пост или реклама има гарантиран пристап на тајм лајн за 300 луѓе за 30 центи, фејсбук на Велешани ни го дава со 90% дисконт за 3-4 центи. Фејсбук дебело печали на Велешката фабрика за лажни вести“, вели нашиот Гоце.

Впечатоците на Спасовски истражувајќи ја оваа „фабрика“ се дека содржината на постовите е туѓо дело.

„Од искуството што го стекнав истражувајќи ја оваа тема воочив дека содржините за вестите очигледно се добиени од некого. Тие лица кои јас ги запознав немаат капацитет да креираат позначајна новинарска содржина“, смета Спасовски.

 

Лаги за уништување на личности

 

Лажните вести беа алатката со која поранешната власт се обидуваше да дискредитира се што е здраво и критички настроено во општеството. На сопствена кожа лажните вести и нивната деструктивна улога ги почувствувал и Мирче Адамчевски.

„Јас имав сопствено искуство, кога фабриката за лажни вести, наречена Центар за комуникации, за мене фабрикуваа лажни вести, па подоцна тие беа пренесени и на Македонското радио. Македонското радио има свои новинари, кои не ги проверија вестите, а превзема лажни вести“, вели Адамчевски.

Тој додава дека најголем дел од претставките кои пристигнуваат во Советот на честа, се за неточни вести. Над 200 случаи на лажни вести годишно. Имаме море од неточни, односно лажни вести.

Според Ивица Димитриовски, основач и поранешен сопственик на агрегаторот Грид.мк, најголемата битка на лажните вести е да бидат видливи на агрегаторите и пребарувачите.

„Имавме ситуации од порано кога една вест се преклопува со друга. На пример, ако се објави едно истражување, пропагандната машинерија на поранешната власт, ќе објави различна вест со истите клучни зборови и ќе ја преклопат веста која е претходна објавена, а укажува на некоја негативна појава во општеството“, смета Димитриовски.

Тој додава дека битката е веста да биде напред во кластерот, бидејќи луѓето скролаат и ги гледаат насловите.

 

Спас од лажните вести

 

Експертите се поделени во ставовите како да се спречат лажните вести. Состојбата е многу комплексна, а отежнителна околност е и што нема политичка волја за решавање на овој проблем, бидејќи владите во режимските општества се тие што ја произведуваат цела таа машинерија од лажни вести.

За Мирче Адамчевски, тело како Советот за етика може да придонесе во намалувањето на пристапноста на лажните вести на социјалните мрежи.

„Може да се направи тело од 30-40 новинари кои секојдневно ќе ги следат медиумите и ќе ја оценат нивната точност и така ќе ги рангираат медиумите, кои објавуваат точни вести, а кои не. Советот за етика во медиумите може да ангажира неколку луѓе што ќе прават мониторинг на медиумите, сега овој месец на пример ќе се испитуваат само пишаните медиуми, наредниот на он лајн, третиот на телевизии за да се добие слика што се случува во општеството во сферата на медиумите“, вели Адамчевски.

Тој додава дека Фејсбук имал состанок со главните западни медиуми за да изготват список на медиуми од прва класа, медиуми од втора класа и на крај медиуми од десетта класа. Тие медиуми што се во прва, втора и трета класа ќе имаат предност, а тие од 10-та класа нема воопшто да ги пушта и ќе ги игнорира. Овде има опасност за отворена цензура. Прво треба да ги определи кои се тие медиуми.

За Димитриовски работата е покомплицирана.

„ Алгоритмот може да се модифицира и може да се воведат и други критериуми на поставување на веста на насловна страница во кластерот. На такви алгоритми моментално работи и фејсбук. Може да се направи тоа во Македонија, само имаме многу субјективност околу поставувањето на критериумите во Македонија. Од тоа се плашам дека ќе имаме проблеми. Кај нас секој зазема страна и се е исполитизирано“, вели Димитриовски.

Тој додава дека не би превземал такво нешто ако не е автоматизирано.

За Игор Трајковски, основач на Тајм.мк најдобро решение е да се работи со луѓето.

„Не знам некое паметно решение за проблемот со лажните вести. Едукацијата е најважна за да можат луѓето сами да ги разликуваат вестите. Автоматски тоа не може да се направи бидејќи алгоритмите не можат да ги препознаат“, вели Трајковски.

Тој додава дека тие не ставаат сајтови кои не се регистрирани и немаат импресум.

„Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска.“

Содржината на оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.